top of page

Детето во снегот - Кристина Блажевска Ивановиќ

.....Замислете дека се наоѓате во непозната соба , врзани за кревет со превез на очи. Наеднаш кон Вас се доближуваат ликови кои не ги гледате , но ги слушате, ги чувствувате. Им го чувствувате мирисот, знаете дека нешто се случува но не можете да откриете што Ви се спрема. Одеднаш еден од ликовите Ве фаќа за раката се обидува нешто да направи со Вас. Но Вие не знаете што да очекувате. Не знаете што сакаат од Вас. Почнувате да се плашите, да Ви се вртат разни мисли и прашања. А одговори нема.

Што ќе направите?

Дали знаете како ќе излезете од состојбата во која се најдовте ?

Како се чувствувате?

Збунето , исплашено?

Успеавте ли да добиете одговори?

Книгата ја прочитав низ солзи . Во ниту еден момент не сакав да ја оставам недочитана. Со неа плачев, стравував, се обидов да разберам, да допрам во далечината , да посегнам во празнината да подадам рака,да го допрам Ангел,да ја прегрнам Ангела, да се насмевнам, да запеам, да ги видам сите тие бои, целиот тој спектар на љубов.

Она што навистина ми се допадна кај оваа книга е тоа дека иако дава информации за аутизмот, таа не го генерализира. Тој не може да се генерализира! Секое дете е посебно само за себе, не може да се стават сите во ист кош ,бидејќи е неправедно. Секој Ангел и секоја Ангела имаат своја приказна, своја душа, своја љубов,свој пат ,чувство, своја песна и боја.

Книгата е поделена во два дела. Психолошки, реалистични и фиктивни раскази и лични сведоштва. И не би можела да одвојам посебно еден од нив за да го издигнам на врвот а да не се сетам на Ангел и Годи, Даниела и Ангел, Марко и Ангел, Јован и Ангела или жената Сизиф која со упорност се издигна над сите препораки и го однесе каменот на врвот.

СО ДРАГО СРЦЕ ЈА ПРЕПОРАЧУВАМ ОВАА КНИГА , без разлика дали сте родител кој се бори да најде одговори за своето дете или сте лице со аутизам кое се бори со тешкотиите и препреките пред себе. Оваа книга пред себе отвори пат за сите други во спектарот да се охрабрат да ги споделат своите приказни и оние успешните но и оние другите, за да се подадат раце за поддршка и помош. Бидејќи човек не може сам.Бидејќи добро е да се знае дека не сме сами, не сте сами!

Во прангите на ова се уште непроцутено општество, во стигмата и незнаењето, предрасудите и дискриминацијата, треба да бидеме гласноговорници на АНГЕЛИТЕ кои БОГ ни ги испраќа на земјата за да не научи дека треба да бидеме трпеливи, да прифатиме различност,да понудиме рака, да бидеме смирени, да рашириме љубов и топлина.

Зошто сите сме исти на оваа земја, под ова парче небо. Зошто сите го дишеме истиот воздух и сите сме ние деца на единствениот наш БОГ!

Детето во снегот - Ана Ѓурова

122304699_3206459562813840_8191445379228

"Кој има уши да слуша, нека чуе!"

Матеј11:15 (Свето Писмо)

Така ја започнувам рецензијата за "Детето во снегот" книга од која ќе се растажите, ќе се расплачете, ќе се воодушевите. Ова е толку емотивна, чувствителна, болна, срцепарателна, со еден збор тешка книга. Тешка бидејќи нема лесна тематика за читање, напротив темата е за нашите најмали, кои со цело срце и душа ги сакаме. Книгата иако е мала е многу поучна, посебно за нас, читатели што не се сретнале со аутизам. Напишана е во два дела, во првиот дел се расказите, а во вториот лични сведоштва од родители и збор-два од специјалисти за аутизам. Стилот на пишување, нарацијата на авторката е многу лесен и читлив, мислите дека читате бајки или приказни за деца, но не, не е така. Ова се лични искуства кои секојдневно се случуваат. Компарацијата, споредбата е толку едноставна, толку добра што ќе ве воодушеви, ќе ве внесе во секој расказ.

Со читање уште на првиот расказ ќе се наежите, ќе се повлечете, ќе се растажите. Ќе продолжите со читање на следните раскази и ќе се натерате на размислување. Постојаното прашање кое нема одговор е зошто, зошто токму тоа, зошто токму тие деца, зошто преку ноќ се сменува животот не само на едно, туку на многу деца и на нивните семејства. Зошто, зошто, едноставно зошто без одговор?Книгата е посветена на децата и нивните родители кои секојдневно се соочуваат и борат со аутизмот. Нашите најмили, нашите најсакани, нашите делчиња од нашите души, нашите обожавани дечиња во оваа книга се наречени Ангел и Ангела. А тоа и се наши "Ангели" пратени со благослов. Секој од нив е различен, посебен, но сите подеднакво заслужуваат внимание, но најмногу љубов, неизмерна, безусловна љубов. Подадена рака, искрена љубов, прифаќање, охрабрување и пред се чуда може да им помогнат на дечињата со аутизам, а воедно и на нивните родители.

"Детето во снегот" ќе допре во вашето срце, во вашата душа, ќе ви предизвика толку силни емоции, чувства и ќе ве натера на момент да се ставите на местото на родителите кои секојдневно се борат со таа борба наречена аутизам. Но, не знам дали ќе успеете, пробав и јас, но не успеав да се ставам ни за момент на нивно место. И да пишувам уште мислам дека ќе биде малку. Ова е опширна тема која може да содржи страници и страници со емоции.

Бидејќи уште сум под импресии и возбуда за крај само ќе напишам:"Родители кои секојдневно се борите со вашите деца со аутизам, не потонувајте во снегот, во студенилото, во снежните виулици, во осаменоста. Не сте сами, тука сме и ние останатите кои ви даваме целосна поддршка, ве охрабруваме да не се предавате, продолжете само храбро. Постојат чуда кои иако се ретки можат да се случат. После снегот секогаш изгрева сонце, кое не осветлува и го растопува снегот. Во тие моменти ќе се пронајдете и цврсто ќе се фатите за рака. Само храбро напред, нема откажување! "

Неверство - Ана Ѓурова

download.png

„Благословен е човекот што се надева на Господ и кому надежта му е Господ"

Честитки Еме, книгава ја прочитав за два часа. Приказната е добро напишана и убаво доловена. Вие што сте ги читале нејзините книги, мислам дека веќе ви е препознатлив нејзиниот стил на пишување. Лесен, читлив, својствен, а пред се уникатен. Затоа што во сите нејзини книги ни го претставува семејството, љубовта кон децата, а пред се ја величи вербата кон "Него". Големиот создател на човекот и нашиот двигател во животот. Ликовите ми беа одлични, реални, посебно ликот на свештеникот Михаил. Тој со својата надеж и верба во Бога се надева дека неговиот син ќе биде добро.

Фокусот на романот е ставен на семејството, на нашите најмили, нашите ангелчиња - децата, а најголемиот фокус е ставен на нашата верба кон Бога. Тоа е доловено на таков начин на кој само нашата драга

Emilija Zlatkova Anastasova

го може тоа. Како и во другите книги и тука на пиедестал е ставен "Тој" и вербата во него. Едноставно без неа ние сме празни, еден дел од душата ни е толку осамена и болна, што ќе си помислиме дека ништо друго не може да ја исполни и излечи. Оваа мистерија ќе ве изненади и истовремено ќе ве исполни. Еме се докажа дека можеш да пливаш и во овие води,во следната книга не се плаши, запливај малку подлабоко, таму е помистеириозно.

Приказната започнува со збогувањето на свештеникот Михаил со неговата сопруга Елена и петгодишниот син Даниел. Поради патување во Лондон тој заминува, но на половина пат му текнува дека го заборавил пасошот и се враќа дома. Но, кога ќе стаса ја пронаоѓа својата сопруга мртва и тука настанува целиот шок и трагедија, бидејќи неговиот син Даниел го нема никаде, тој е исчезнат. Истрагата ја водат инспекторите Деспотовски и Силјановска кои иако мислат дека случајот е лесен, со понатамошната истрага станува покомплициран. Ќе се обидат да најдат одговори на сите прашања кои ги носи со себе истрагата. Никој не знае каде е Даниел и што му се случило. Дали е жив или мртов? Дали е побегнат или уште пострашно е киднапиран? И најбитното кој ја убил сопругата на свештеникот? Дали тој е убиецот и ја убил во налет на бес и љубомора или сторителот е некој друг? Ви препорачувам да си ја прочитате и ќе ги добиете одговорите на сите прашања.

Никогаш не се потпирајте на дрво и, на човек. "Дрвото кога е младо и зелено изгледа како цврста" потпора",но дрвото старее и гние, па може да се скрши кога ќе се потпреш на него и да паднеш." А човекот се менува и можеш да бидеш повреден ако се потпреш на него.

"Верувај му само на Бог, тој е праведен, свет и непроменлив."

Неверство - Стојне Ангелеска

155416973_252854289752740_67230669325074

Неверство - Емилија Златкова Анастасова

Книга која е моќна и се чита во еден здив. Станува збор за пронајдено мртво тело на сопругата на свештеникот Михаил. Михаил е личност кој верува во Бог, знае дека се се случува со причина. Сака да помага и си ги сака неговата жена и дете. Неговиот пријател му е повеќе од тоа, го гледа како брат со кој се заедно од мали нозе.

Но кој ја убива неговата сопруга? Свештеникот е пронајден на местото на настанот. Дали го изневерувала? Дали тој ја убива? Или тоа е случаен крадец? Кој го киднапира неговиот син и дали е воопшто жив?

Многу прашања, но малку докази. Но, вербата во Бог, божјата сила ќе му помогне да успее во сето ова.

Не можете ни да замислите што се крие зад сето ова. Книга која нема да ја испуштите од раце. На вас останува да ја откриете целата вистина која ќе ве шокира.

И за крај една убава поука и мисла од книгата:

"Сине мој, верувај му само на Бог, зашто Тој е праведен, свет, верен, суверен и непроменлив. Никогаш не се потпирај на дрво и на човек. Дрвото кога е младо и зелено изгледа цврста потпора, но старее и гние, па може да се скрши кога ќе се потпреш на него и да паднеш. И човекот, сине, и човекот се менува, па може многу да бидеш повреден ако се потпреш на него"

Топло ја препорачувам

161134320_1134218213685139_2136603210738

Неверство - Марина Кљаиќ

Рецензија за „Неверство" од

Emilija Zlatkova Anastasova

Како вчера да беше кога Емилија ја најави книгава во книжевните фб групи и накратко ни навести за што станува збор, па дававме предлози за наслов

И не само од тогашното нејзино навестување за содржината, туку од фактот што е нејзино дело, очекував дека и овде ќе го сретнам она што е својствено за Емилија, нејзиниот "книжевен печат" - вербата кон Бога.

Иако ова дело е првенче во жанрот трилер за авторката, преовладува нејзиниот препознатлив стил, а истовремено ни открива едно ново "авторско лице" на Емилија, па не е доволно да речам само дека сум позитивно изненадена, туку вртоглаво воодушевена. Приказната е толку умешно напишана, што кога ќе почнеш со читање, просто не можеш да престанеш. Ја прочитав во еден здив и со еден збор би рекла дека е WOW.

Читав, со возбуда "ги голтав" страниците, со желба што побрзо откријам која е вистината, а од друга страна, кога ја дочитав, бев жедна за уште. Не од аспект дека авторката оставила простор за дилема и неодговорени прашања, напротив баш убаво, целосно, со најситен детал ја заокрижила до крајот.

Главниот протагонист Михаил, свештеник, сопруг, татко, еден ден ја наоѓа својата сопруга Елена мртва, и истовремено дознава дека пет годишниот Даниел, неговиот син, е исчезнат.

Детективите Деспотовски и Силјановска се задолжени да го решат случајот.

Во оваа трагедија Михаил не е сам, покрај него за утеха и поддршка постојано е неговиот најдобар пријател и побратим Тихомир.

Каква трагедија , за еден свештеник, Божји човек, човек за пример во своето опкружување, почитуван и ценет, светот се руши за секунда, одеднаш му е одземена сопругата на најсуров можен начин, без можност за последна прегратка, збор, макар збогување, а истовремено му е одземен синот, што го води во уште поголема агонија, бидејќи е оставен без одговори, без макар навестување, дали Даниел е уште жив...

Емилија толку вешто ја исплетила приказната, па штом помислиш дека дошло до некаков пресврт, до некаков одговор, разрешување, веднаш следуваат нови, уште поголеми и позамрсени пресврти, носејќи не кон поголема мистерија.

Сопругата е мртва, синот исчезнат. Кој е првиот кој е сомнителен? Како и секогаш во вакви ситуации, прстот се вперува кон некои близок. Можно ли е да биде тоа... сопругот? Зарем?? Свештеникот??

Сепак, и тој, пред сѐ, е само човек. А човечко е да се погреши, човечки е да те надвладеат емоции, да се избувне, да се направи грешка, па дури и злодело во афетк!?

И пак, преовладува она - зарем свештеникот? Сопствената сопруга? Сопствениот син? А тука е и насловот кој постојано те тера да се прашуваш - за чие неверство станува збор?

За какво неверство плати Елена со својот живот? За какво неверство плаќа исчезнатиот Даниел? Поради чие и какви неверство страда свештеникот? Човекот кој ја погреба својата сопруга и чиј син е исчезнат со денови.

Не можеш а да не се запрашаш, колку еден човек може да биде лишен од човечките нагони, афектните, животински инстинкти, само затоа што е покриен со светата мантија и е покорен Божји слижител? Не можеш а да не се посомневаш во затскривање на еден обичен човек зад верата.

Михаил ли е? Тој ли ја убил? Можеби - алудираат преставниците на правдата, и кога сите светла на вина ќе бидат вперени во него, тука е единствениот кој верува и гарантира за него - неговиот побратим Тихомир.

Светот му се руши, тој е немоќен, и во моменти во кои секој друг би кршел, викал, урлал, би полудел со еден збор, Михаил останува смирен. Додека секој друг би проколнувал, тој се моли за својот непријател. Додека секој би се сомневал во својот Бог, верата на Михаил е уште посилна.

Благодарен е на неговиот Бог, иако истиот тој дозволи да му биде одземена Елена. Препуштен на Неговата волја, во целата агонија од изгубениот син.

Можно ли е, тој човек да биде убиецот? Човекот кој е со голема вера. Човекот свештеник. Но сепак, пред сѐ, само човек.

Каква ли тајна крие тој човек, тој свештеник?

Топла препорака за книгата. Прочитајте за да ги дознаете одговорите.

Ќе видете воодушевени.

Јас дефинитивно бев.

Секоја чест Емилија!

bottom of page